На почеток
     

Уште еден успешен детски квиз за енергетика

И по четврти пат се одржа детскиот квиз за енергетика.Како штo веќе сите знаеме, тој е составен дел на Училишниот сервис на ЕВН Македонија кој цели три години е присутен во сите основни училишта ширум Македонија.
Во една прекрасна атмосфера исполнета со игра, шега и интересни мигови и овој пат нашите ученици покажаа огромно знење, достојно за восхит. А ние, заедно со наставниците и родителите можевме само да се гордееме со тоа што ни го презентираа учениците од 7-те основни училишта од различни градови.

Секој момент од квизот беше се` повозбудлив, неизвесноста беше присутна до самиот крај. Но, сепак „најизморените“ од долгиот пат- оние кои дојдоа од најдалеку ги освоија најдобрите резултати. Така, Виктор Николоски и Филип Тодоровски од ОУ „Стале Попов“ од Прилеп во последната игра избија на првото место пред охриѓаните Марија Цветаноска и Владо Војдински од ОУ Братство и Единство. Третото место им припадна на Ангела Станоевска и Сара Илиевска претставничките на ОУ „Кочо Рацин“ кое воедно беше и нашиот домаќин и ни овозможи беспрекорна реализација на целиот настан.

Учениците кои се пласираа на првите три места си заминаа со свои лични награди од квизот. Но, тие со соучениците од своите одделенија покрај тоа што ќе го споделат задоволството од победата, ќе имаат можност заедно да уживаат во наградите наменети за целото одделение. Првонаградените во организирана посета ќе имаат можност да уживаат во убавините на хидроцентралата Матка, второнаградените во организирана посета на Центарот за потрошувачи на ЕВН Македонија ќе имаат можност директно и одблизу да се запознаат со комуникацијата на комапнијата со нејзините потрошувачи, а третонаградените добиваат енергетски ефикасни светилки кои ќе им овозможат разумно да ја користат електричната енергија.

Да не го заборавиме и нашиот литературен и ликовен конкурс кој трае во текот на целата учебна година за време на која добиваме прекрасни дела. При овој настан наградени беа и најкреативните творби. И уште еднаш бевме почестени со нивните нови дели на наградените кои ги создадоа во творечкото катче додека останатите се натпреваруваа на квизот.

А само да потсетиме, нашиот конкурсот е постојано „жеден“ и чека нови дела. Испраќајте ни ги вашите творби, можеби следната награда за најдобра песничка или цртеж ќе биде токму ваша!

Голема благодарност до нашите драги пријатели и соработници кои се дел од овие настани и кои придонесуваат во развојот и имплементацијата на Училишниот сервис, а тоа се: Здружението на граѓани Конект, Жетва на знаење- Прилеп, МАЦЕФ од Скопје, Младински совет- Охрид, Планетум- Струмица,  а посебно до Фидбек, компанијата го поддржува техничкиот дел од целокупната организација на настаните.

Се надеваме дека овој ден претставуваше едно прекрасно искуство за сите кои беа дел од него и ќе остане во нивното сеќавање како еден убав настан полн до дружење и забава.

И на крајот, ЕВН Македонија уште еднаш им честита на сите победници и наградени и им се заблагодарува на сите учесници во квизот!

А вие драги дечиња, не заборавајте! Училишниот сервис на ЕВН Македонија продолжува и понатаму со нови знаења и до нови победи!
Со почит,
ЕВН Македонија, АД